Григор Прличев
Учиме во училиште кое гордо и со децении го носи името на најголемиот литературен деец, преродбеник и наш охриѓанец, Григор Прличев.

Со мисла и со збор се навраќаме кон неговото време. Роден е јануари 1830 г. во Охрид, во сиромашно, но трудољубиво семејство на Ставре Прличев и Марија Ѓокова. Уште не наполнил 6 месеци, а веќе останал сираче – починал неговиот татко. Останале само неговиот дедо, висок, белобрад земјоделец и неговата мајка која работејќи по куќите како слугинка се борела да го прехрани своето многучлено семејство. Уште од рано детство почнал да го учи грчкиот јазик. Учител му бил и Димитрија Миладинов. Студирал медицина во Атина без да заврши. Поради недостиг на материјални средства десет години учителствувал. Ваквата тешка положба кај него ќе побуди потреба и должност таа мака да ја преточи во дело.
Во 1860 г. учествува на конкурсот за најдобра литературна творба во Грција со својата поема „Сердарот“. Прличев, дотогаш речиси непознат, доживува вистински триумф. Поемата „Сердарот“ е прогласена за врвно поетско достигање, а Прличев за победник на поетскиот натпревар. Поемата „Сердарот“ го овенча како втор Хомер. Овој голем успех бил ненадеен и за самиот поет, што може да се види од зборовите во „Автобиографијата“ во која ги забележал и оние трепетни часови кога ги очекувал резултатите од наградниот конкурс: „… тогаш усетив во мене едно неописиво волнение какво што никогаш не сум осетувал. Тогаш никој не би ме познал: бев надвор од себеси. Очигледно, мој беше венецот“.

Во поемата Прличев си поставил за цел да го изрази не само макотрпното тешко минато на својот народ, но и да го наслика ликот на борецот-предвесник на слободата:
Та Кузман, јунак падна убиен од Гега,
Тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
А да ги брани нема кој.
Основната идеја на Прличев е дека жртвата во борбата за слобода не е залудна и дека не може да се закопа она што е дело на еден херојски живот.Таа идеја најсилно е изразена преку ликот на Кузмановата мајка, „амазонката“ Неда, која храбро го поднесува ударот на судбината:
Но и други борци ќе воскресне Река и водач
нивни ќе излезам в гора.
По вашата трага ќе тргнам и по вас ќе одам…
Јас да ве уништам морам.
Ил мртва ќе паднам. Зошто ми е животот кога
син ми неодмазден ќе е?
Во бојот ќе побарам смрт. Но по желба на бога
може и триумф да грее!
„Сердарот“ е најпознатото дело на македонската литература од 19 век. Поемата поседува неповторлива уметничка вредност што не е надмината и до денес во нашата литература. Во неа има нешто длабоко и вечно.
Напишал уште една поема, на грчки јазик, под наслов „Скендербег“. Автор е и на детска поезија.

Неговото последно дело е „Автобиографијата“, драгоцена книжевна творба со висока уметничка вредност од која денес црпиме материјал за неговата биографија и за положбата во Македонија во тоа време. И не само тоа, во неа ги изнесува и своите поетски мечти, големите достигања, животни радости, надежите, честите патила, оскудици, разочарувања кои се јавувале како резултат на неговиот буен темперамент.
Прличевото творештво колку и да обработува трагични ситуации и трагични херои, претставува по својата суштина една херојска, една величествена потврда на животот.
Низ силината на зборот од кој блика љубовта и болката, неспокојот и непокорот, Прличев остави неизбришлив белег на едно време. И денес ги прелистуваме страниците на неговите дела кои се пишано сведоштво за едно постоење, за една мисла чиј запис се пренесол низ генерациите и стигнал до нас.
Нека делото на нашиот патрон ни биде за пример. Нека биде нашиот патоказ, поткрепа на нашиот дух.
Нека му е вечен споменот на нашиот патрон, Григор Прличев.