Октомври- месец со прекрасни активности посветени на Детската организација

Октомври, се чини, е месец кој сјае во знакот на детето, учителот и Детската организација. Сите активности во овој месец се организирани од учениците и нивните сопствени идеи, а реализација секако со помош на училиштето, наставниот кадар и Советот на родители.

Најпрво #прличевци започнаа со покажување почит и љубов кон возрасните луѓе, кон баби и дедовци кои во Домот за стари лица „Геријатрија„ со голема доза на емоција го поздравија слоганот „Подаваме рака за рацете кои не’ пораснаа„ .

Потоа следуваше еден од најубавите и најзначајните денови за учителите, 5 Октомври – Светски ден на учителот. Овој ден беше одбележан со низа активности кои во својата суштина ја имаа големината на учителот и неговото значење воопшто за целокупниот воспитно – образовен процес, како и улогата која учителот ја има во развојот на детето.

А најрадосниот момент за сите нас е секако положувањето заклетва на најмалите #прличевчиња првачиња за влез во Детската организација. Неизмерна радост и среќа собрана на едно место.

Дека на радоста и нема крај посведочи и одбележувањето на Европскиот ден на спортот во училиштата со што уште еднаш покажавме како училиште дека врвен приоритет ни е физичкото и менталното здравје на учениците.

Но, не се радуваа само најмалите ученици, туку и повозрасните. Имено, со одбележување на Детската недела се конституира и Ученичкиот парламент во училиштето, со кој ќе предводат и ќе ги бранат прават на децата учениците: Иво Георгиески -Претседател на ученички парламент и Ивона Секулоска- Ученички правобранител.

Понатаму, на литературниот и ликовен конкурс организиран од Општина Охрид на тема: Есента со своите најубави бои блика, во полиња и градини на берба ве вика,
нашата Ели Џајкоска, VII одд. од ПОУ „Григор Прличев“-Рача освои 🥇ПРВА НАГРАДА🥇за литературната творба ,,Есенска бајка” 
#Прличевци– креативни мозочиња.
   #Прличевци  го одбележуваа и Светскиот ден на храната.
Сведоци сме, денес, на свет во кој за жал во изобилство има глад.
Дечиња гладни, возрасни гладни…
Затоа учиме за правилна исханата, но учиме и пред се’ да го почитуваме она што го имаме…
Што е здраво да јадеме, а што не ⁉️ Што да јадам за доручек, а што за ужинка ⁉️
Се’ ова го учиме на училиште и така го подготвивме Нашиот водич за здрава исхрана .
Но, штом нешто не знаеме… тука е Нашиот семафор за здрава исхрана, кој правилно ќе не’ насочи. Повеќе фотографии од оваа активност може да погледнете на нашата facebook страна

Активностите во овој месец, во кој децата и родителите ја имаа главната улога со несебична поддршка од училиштето и целиот Совет на родители, ги завршуваме со реализацијата на прекрасниот проект : Есенска соба ! Ученици и родители од IV-5 одделение создадоа волшепство насликано со есенски бои и збогатено со прекрасниот вкус на јаболкото !

Погледнете ја есенската бајка тука.

Во октомври месец една од најзабавните активности е Halloween. Учењето странски јазици секогаш ни причинува задоволство и забава ! 

Поврзувајќи ги содржините со автентични празници кои ги одбележуваат земјите, чии странски јазици ги изучуваат учениците, придонесува до подобро запознавање на обичаите, културата и традицијата на земјата. А со тоа покажуваме почит кон туѓите добра.
Учениците од предметна настава од ПУ нас. Рача на часовите по германски јазик ги повторуваа изучените придавки користејќи активност со маска на тема : Која карактеристика би ја дал, ако зад маската се крие твојата најблиска личност / твојот противник/ твојот другар ?
Додека пак најмалите часовите по англиски јазик ги поминаа изработувајќи маски и разговарајќи за темата Halloween.
Целокупната активност може да се погледне на овој линк
Прличевци го одбележаа и Месецот на штедењето.
Штедењето е ќерка на мудроста, сестра на уметноста и мајка на слободата.
По повод Месецот на штедењето наши гости беа претставници од Шпаркасе Банка со цел промовирање на позитивните вредности на штедењето и поттикнување на учениците да штедат.
Учениците од III 4 одделение се заблагодарија со песна, игра и многу насмевки .
Активноста беше поддржана и од училиштето и од Советот на родители, кои и понатаму поддржуваат да ги негуваат овие вредности кај децата.

Активностите во месец октомври ги збогати и „Смарагдната Ада“ која пристигна во Охрид и право во нашето училиште.

#Прличевци имаа можност да се дружат со  Ада и да ги запознаат нејзините авантури од истоимениот стрип „Авантурите на Смарагдната Ада“ кој беше претставен во нашето училиште во рамките на едукативниот проект : Инклузија на децата со невромускулни болести и друга моторна попреченост .

Целта на овој проект беше социјална и училишна инклузија на децата со физичка попреченост на еден нов, иновативен начин – со помош на стрип како посредничка алатка помеѓу љубопитниот ум на децата кој полесно восприема нови информации преку слики и приказни, од една и пораката што сакаме да им ја пренесеме, од друга страна.

Прличевци со голема заинтересираност го проследија претставувањето на стрипот „Авантурите на Смарагдната Ада“ од страна на присутните соговорници , кој во себе има цел училишната средина да биде еднакво безбедна, поддржувачка и стимулативна за сите ученици, односно учениците со попреченост да имаат еднакви можности за учење и развој, како и сите останати деца.   А потоа преку техниката ,,Туѓ чевел” учениците преку свои цртежи ги изразија своите чувства за овие деца.

Во авантурите на Ада, освен учениците од V-4 одделение кои беа присутни на активноста, ќе можат да уживаат и сите #прличевци. Активноста беше посетена и од Гордана Лолеска од здружението „Ретко е да си редок“, Претседателот на Советот на родители Сашко Георгиески како претставник на родителите кои секогаш даваат силна поддршка за вакви настани, училишното раководство и служба.

Со поддржување на ваквви активности покажуваме дека наша основна цел во рамките на воспитно- образовниот процес е да создаваме еднаквост меѓу учениците и чувство на припадност еден кон друг и разбирање еден со друг.

Повеќе фотографии од активноста погледнете на нашата facebook страна.

Месец октомври го заокружуваме со еден прекрасен хуман гест од семејтво на наша ученичка, кое донира околу 200 нови книги за училишната библиотека.

Посебно драги се оние моменти кога во нашето училиште ќе пристигне донација од љубители на пишаниот збор, особено кога тоа е семејство од наши ученици.
Збогатувајќи го фондот на нашата библиотека го збогативте погледот кон светот на децата, за што #прличевци од срце ви благодарат!