НАША МИСИЈА
Училиштето да биде лидер во образованието, достигнувајќи врвни резултати на секое поле
НАША ВИЗИЈА
Воспитување и образование на одговорен, успешен и среќен ученик
Долга и богата е историјата на работењето на ООУ „Григор Прличев“ – Охрид. Почетоците датираат од училиштето „Андон Дуков“ од 1933 година. Во 1950 година започнува со работа под името Осмолетка „Григор Прличев“, основана од НО на Општина Охрид. Нови организациони промени се настанати од 1961 година, кога е припоено и основното училиште од с.Велестово.
Од 1965 година се води како Основно училиште „Григор Прличев“ за обавување на културно-просветна дејност. На 03.06.1985 година (бр.04-3266/2), Собранието на Општина Охрид донело решение за верификација на ЦОУ„Григор Прличев“ Охрид со подрачните училишта во с.Велестово и населбата Рача за обавување на дејност за основно образование и воспитание. Во деведесетите години од 20 век, згасна со работа подрачното училиште во с. Велестово.
Денес воспитно-образовниот процес се одвива во ООУ„Григор Прличев“ Охрид и ПУ во населба Рача. Училиштето е лоцирано во централното градско подрачје на улицата „Димитар Влахов” бр.65 во Охрид и ги опфаќа учениците од централното градско подрачје. Тоа е основно деветгодишно училиште кое според постојните педагошки, образовни, просторни, материјално-технички и други стандарди се вбројува во редот на развиените училишта. Наставата во училиштето се изведува на македонски наставен јазик во две смени: претпладневна и попладневна смена.
Располага со две училишни згради: стара училишна зграда во која се изведува настава за учениците од одделенска настава (од I – V одделение), нова училишна зграда во која се изведува настава за учениците од предметна настава (од VI – IX одделение) и подрачно училиште.
Новата училишна зграда е изградена 1990 година, има површина од 1960m2. Располага со: 15 училници наменети за кабинетска настава кои ги задоволуваат капацитетите на законскиот опфат на ученици и стандардите за просторно-игиенски услови, кабинети за наставниците, наставничка канцеларија, работна просторија за потребите на наставниците, 3 санитарни простории за машки, 3 за женски ученици и 3 за наставници со добро уредени санитарни јазли, еден отворен спортски терен и фискултурна сала.
Старата училишна зграда е изградена 1959 година и има вкупна површина од 1540m2. Располага со: 13 универзални училници, административен дел – канцеларии за директор, педагог, психолог, секретар и библиотека.
Училиштниот двор е со вкупна површина од 6000m2 , уреден со зимзелени и листопадни садници.
Подрачното училиште во населба Рача е изградено во 2001 година, со вкупна површина од 520m2 .
Училиштето располага со: 5 универзални училници опремени со нов училиштен инвентар и централно парно греење; наставничка канцеларија; работна просторија за наставници и отворен спортски терен. Училишниот двор во подрачното училиште е со вкупна површина од 1020m2.