Октомври – Месец на знаење, здрави навики и негување на вредности

Во текот на октомври, учениците од ООУ „Григор Прличев“ реализираа разновидни едукативни и креативни активности преку кои стекнуваа нови знаења, развиваа здрави навики и ги продлабочуваа своите сознанија за важни општествени теми.

10 октомври – Едукативна посета на Пошта Охрид

По повод Денот на поштата, учениците од II одделение ја посетија Пошта Охрид, каде што се запознаа со работата на поштенската служба, начинот на испраќање и примање писма и пратки и нејзиното значење во секојдневниот живот. Посетата беше исполнета со љубопитност и нови сознанија. Благодарност до Пошта Охрид за гостопримството!

10 октомври – Светски ден на менталното здравје

Учениците од V одделение реализираа креативни и интерактивни активности посветени на емпатијата, меѓусебната поддршка и почитувањето на чувствата. Преку пораки за охрабрување и „Ѕид на добрината“, ја истакнаа важноста на разбирањето, прифаќањето и грижата за менталното здравје.

11 октомври – Ден на народното востание

По повод 11 Октомври, учениците од III одделение ја изведоа македонската химна, оддавајќи почит на историското значење на празникот и на борбата за слобода. Со оваа активност ја истакнаа важноста на негувањето на историската меморија и почитта кон татковината.

16 октомври – Светски ден на храната

Светскиот ден на храната беше одбележан преку повеќе активности на учениците од I и IV одделение. Најмладите Прличевци разговараа за значењето на здравата и разновидна исхрана и испратија порака дека здравата храна е важна за правилен раст и развој.

Учениците од IV одделение учеа и преку непосредно искуство. Две паралелки реализираа едукативни посети на Зеленото пазарче и РЦСОО „Ванчо Питошески“, каде што се запознаа со здравите намирници, подготовката на храната, правилната исхрана и одговорниот однос кон храната. Останатите ученици преку креативни и едукативни активности ја истакнаа важноста на здравите навики.

23 октомври – Ден на македонската револуционерна борба

По повод 23 Октомври, учениците од I до V одделение од ПУ „Григор Прличев“ – Рача го одбележаа овој значаен празник посветен на македонската историја и стремежот за слобода и независност.

Преку песна, игра и дружење, учениците ја изразија љубовта кон татковината и почитта кон македонското историско и културно наследство.Со ваквите активности се поттикнува кај најмладите почитта кон историјата, традицијата и вредностите на татковината.

Преку овие активности, ООУ „Григор Прличев“ продолжува да поттикнува учење преку искуство, грижа за здравјето, почитување на традицијата и развивање одговорни навики кај учениците.

Учиме, истражуваме и растеме заедно!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *