„ДОБАР СОВЕТ – ЗДРАВЈЕ ВРЕДИ!“ – Во соработка со Советот на родители одбележан Светскиот ден на дијабетесот во ООУ „Григор Прличев“

Едукативна работилница по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември

„Навиките што ги создаваме денес, го обликуваат нашето здравје утре!“

По повод 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот, во ООУ „Григор Прличев“ – Охрид, по иницијатива и во организација на Советот на родители, успешно беше реализирана едукативна и интерактивна работилница со учениците од IX одделение, под мотото „ДОБАР СОВЕТ – ЗДРАВЈЕ ВРЕДИ!“

Работилницата ја водеа Димче Каневче и Весна Цветаноска, претставници на Здружението за лица со дијабет, кои преку непосреден разговор, практични примери и интерактивна дискусија ги поттикнаа учениците да размислуваат за своите секојдневни навики и нивното влијание врз здравјето.

Правилната и балансирана исхрана, физичката активност, рекреацијата, редовните здравствени прегледи, препознавањето на симптомите на дијабетесот, факторите на ризик и можните компликации беа дел од темите за кои отворено се разговараше.

ШТО НАУЧИВМЕ ОД НАШИТЕ УЧЕНИЦИ?

Интерактивниот разговор отвори важни прашања за животните навики на младите.

Од одговорите на присутните ученици произлезе дека брзата храна, индустриските ужини и засладените пијалаци се чест избор за време на училишните одмори, додека овошјето и водата значително поретко се застапени.

Истовремено, слободното време сè почесто се поминува пред дигиталните екрани, наместо во движење, спорт и рекреација.

Овие сознанија се важен потсетник дека здравите навики не се создаваат само преку совети, туку преку личен пример, едукација, поддршка и заедничко дејствување.

МАЛИТЕ ПРОМЕНИ ДЕНЕС – ГОЛЕМИ ПРИДОБИВКИ УТРЕ!

Особено нè охрабрија заинтересираноста, искреноста и активното учество на учениците, како и нивната подготвеност да размислат за промени во секојдневието.

Нивните најави дека почесто ќе избираат вода наместо засладени пијалаци и овошје наместо индустриски ужини се мали, но значајни чекори кон поздрав начин на живот.

ЗДРАВЈЕТО НА ДЕЦАТА Е НАША ЗАЕДНИЧКА ОДГОВОРНОСТ!

Оваа работилница уште еднаш ја потврди важноста на соработката меѓу училиштето, родителите, здравствените работници и граѓанските организации.

Советот на родители останува посветен на иницирање и поддршка на едукативни активности што придонесуваат за здрав, безбеден и квалитетен развој на нашите деца.

Изразуваме искрена благодарност до предавачите Димче Каневче и Весна Цветаноска за нивната стручност, посветеност и непосреден пристап, како и до „Свет на родители“, директорката, стручната служба, наставниците и сите присутни за поддршката во реализацијата.

Активноста беше поддржана од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, во рамките на националната програма за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот.

Да ги научиме децата дека здравјето не е само отсуство на болест, туку вредност што се негува секој ден!

ДОБАР СОВЕТ – ЗДРАВЈЕ ВРЕДИ!

ООУ „Григор Прличев“ – Охрид

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *