По повод 20 Ноември – Светскиот ден на детето, во нашето училиште се одржа осмиот по ред Отворен ден на Граѓанското образование, посветен на темата „Ден на ораторството – Моќта на зборот“.
Настанот беше посветен на значењето на слободното изразување, силата на аргументот, културата на дијалогот и правото на секој млад човек да го искаже своето мислење. Преку ораторски настапи и внимателно подготвени есеи, учениците од VIII и IX одделение ги споделија своите размислувања, ставови и пораки, покажувајќи дека зборот може да биде средство за инспирација, поттик за промени и градење разбирање.
Со своите настапи, учениците демонстрираа креативност, самоувереност, критичко размислување и способност јасно и аргументирано да ги изразат своите идеи. Настанот беше можност да се слушне гласот на младите, да се поттикне нивната активност и да се афирмира важноста на почитувањето на различните мислења.
Свои есеи и пораки презентираа:
- Марко Ристовски (VIII-1) – „Различни сме, но еднакви“
- Јана Котевска (VIII-2) – „Секое дете заслужува детство исполнето со љубов, сигурност и почит“
- Берин Ахмед (VIII-2) – „Различни сме, но еднакво вредни“ / „Farklıyız, ama Eşit Derecede Değerliyiz“, кој својот есеј го презентираше на македонски и на турски јазик.
- Надалина Зимоски (VIII-3) – „Не сум само точка на картата“
- Доца Секулоска (VIII-3) – „Образованието е право, а не привилегија“
- Симона Петровска (VIII-4) – „Секое дете заслужува детство исполнето со љубов, сигурност и почит“
- Мирјам Тантушева (VIII-5) – „Насилство не е детска игра – правото на безбедно детство“
- Матеа Колеска (VIII-5) – „Насилство не е детска игра – правото на безбедно детство“
- Марко Томоски (VIII-5) – „Дали секое дете навистина има право на детство?“
- Дафина Милошоска (IX-2) – „Прашањето што растеше заедно со мене“
- Леон Огненов (IX-3) – „Каков професионалец и каков човек сакам да бидам“
- Јана Каневче (IX-5) – „Потиснатите прашања“
Секој есеј носеше своја приказна, размислување и порака – за еднаквоста, правата на децата, образованието, безбедноста, припадноста, личниот развој и иднината. Преку нив учениците потсетија дека зад секој глас стои личност со свои чувства, искуства, соништа и право да биде слушната.
Посебни честитки и признание заслужуваат сите ученици кои со посветеност, труд, креативност и храброст учествуваа во реализацијата на овој настан, придонесувајќи за неговата успешност и значење.
Отворениот ден го организираа наставничките Мира Групчева и Николина Чадоска, со поддршка и учество на учениците, директорката, стручната служба, наставниците и родителите.

