По повод Детската недела во нашето училиште се реализира повеќе активности исполнети со детска радост, креативност, дружење и заедништво. Преку различни воспитно-образовни, културни и спортски активности, учениците испратија силна порака за важноста на детските права, среќното детство, меѓусебната почит и другарството.
5 октомври – Денот на учителите: празник на знаењето, посветеноста и благодарноста
По повод Светскиот ден на учителите, беше организирана пригодна приредба на која учениците преку драмски изведби и ритмички точки ја изразија својата благодарност кон наставниците и ја истакнаа нивната значајна улога во образованието и воспитувањето на младите генерации.
Во рамките на активноста „Денес учител сум јас – Прличевци учат на глас“, ученици од VI и IX одделение застанаа во улога на наставници на часовите по Природни науки и Македонски јазик, додека наставниците ги зазедоа ученичките клупи. На интересен и несекојдневен начин учениците почувствуваа што значи да се биде пред цела училница, да се објаснува, да се поставуваат прашања и да се преземе одговорност за часот. https://www.youtube.com/watch?v=6U7IIft7JFk https://www.youtube.com/shorts/rNzqnuNpW2Q
Празникот беше збогатен и со прекрасна приредба на учениците од V3 одделение, кои преку драмски изведби и ритмички точки ја истакнаа важноста и убавината на учителската професија. Посебна чест ни беше присуството на пензионираните учителки Мери Димзова и Сузана Илоска, кои со своето присуство нè потсетија дека учителскиот повик остава трајна трага низ генерациите.
6 октомври – „Детството е најубава приказна“
Учениците од III одделение подготвија и изведоа прекрасна детска претстава со која ја истакнаа вредноста на безгрижното детство, исполнето со љубов, почит, игра и другарство. Преку песна, игра и драмска изведба, тие потсетија дека секое дете заслужува среќно и безбедно детство. https://www.youtube.com/shorts/jo05FnxooGE
7 октомври – Ден исполнет со спорт, игра и дружење
Спортскиот ден донесе многу насмевки, позитивна енергија и незаборавни моменти. Учениците со ентузијазам учествуваа во спортските активности, покажувајќи тимски дух, соработка и фер-плеј.
Детската недела беше одбележана и во ПУ Рача, каде што учениците од I до V одделение преку пораки за детските права и обврски, музика, игра и спортски активности ја испратија пораката: „СЕКОЕ ДЕТЕ – ДЕТСТВО ДА ИМА!“
8 октомври – Конституиран Ученичкиот парламент
Во рамките на активностите за поттикнување на ученичкото учество и демократската култура, беше конституиран Ученичкиот парламент.
За претседател беше избрана Дафина Милошоска, за заменик-претседател Доца Секулоска, а за ученички правобранител Ања Наумоска.
Со формирањето на новиот ученички тим, учениците добиваат можност активно да учествуваат во училишниот живот, да ги искажуваат своите ставови и да придонесуваат за создавање подобра училишна заедница.
9 октомври – Добредојдовте, нови Прличевци!
Со многу радост и насмевки, нашите првачиња беа примени во Детската организација и станаа дел од големото училишно семејство.
Под мотото „ПРЛИЧЕВЦИ – РАКА ЗА РАКА, ДЕТСКАТА СРЕЌА НЕКА ТРАЕ БЕЗ МАКА!“, беше испратена порака за детските права, другарството, љубовта и безгрижното детство. Нашите најмлади ученици свечено ветија дека ќе учат вредно, ќе си помагаат и ќе бидат добри другарчиња.
Овој свечен чин беше потсетник на нашата заедничка одговорност да им обезбедиме на децата безбедна и поттикнувачка средина во која ќе растат, ќе учат и ќе ги остваруваат своите соништа.
Преку сите реализирани активности, Детската недела уште еднаш ја потврди важноста на детските права, ученичкото учество, креативното изразување, спортот и заедништвото. Секој детски глас, секоја насмевка и секоја нова идеја се важни за создавање училиште во кое секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и безбедно.
Нека детските насмевки секогаш бидат најубавиот украс на нашето училиште!
Рака за рака – за среќно, безбедно и безгрижно детство!
Еднаш Прличевци – секогаш Прличевци!



















