По повод Месецот на книгата, во нашето училиште се реализираа активности со кои се поттикнува љубовта кон читањето, книгата и споделувањето читателски искуства.
Во училиштето традиционално се организира литературен конкурс за учениците на тема „(Не)Заборавена книга“. Оваа година наградата на конкурсот ја освои Јована Секулоска од V-3 одделение, која со својата творба ја пренесе љубовта кон книгата и значењето на читателските искуства.
Во рамките на Планот за реализирање на општокорисна работа во училиштето, се реализираше и креативната работилница „Состанок на слепо со книга“. Учениците имаа можност да им ги претстават лектирните изданија на своите соученици, споделувајќи ги содржините, впечатоците и пораките од прочитаните книги, откривајќи им ги нивните приказни на еден поинаков и интересен начин.
Активноста беше збогатена со учеството на победничката од литературниот конкурс, Јована Секулоска, која пред своите соученици ја прочита својата наградена творба.
Во рамките на одбележувањето, учениците од IV одделение ја посетија и Градската библиотека „Григор Прличев“, каде што имаа можност да се запознаат со богатството на книгите, работата на библиотеката и значењето на читањето во секојдневниот живот. Со љубопитност и голем интерес откриваа дека секоја книга крие нова приказна, ново знаење и една поинаква авантура.
Преку ваквите активности ја поттикнуваме љубовта кон книгата и читањето, ја развиваме креативноста, го охрабруваме изразувањето и создаваме можности за споделување идеи, мисли и читателски искуства.
Затоа што секоја книга крие една приказна, секоја прочитана приказна остава трага, а понекогаш една книга е доволна за да започне ново пријателство!
Да читаме, да истражуваме и да растеме заедно со книгите, бидејќи книгата е прозорец кон светот!











