По повод одбележувањето на патрониот празник, учениците и наставниците од предметната настава реализираа низа отворени часови и активности, преку кои учениците го покажаа своето знаење, креативност и истражувачки дух, во чест на нашиот патрон – Григор Прличев.
🧬 Отворен час по биологија – учење преку искуство
Во рамките на празничните активности се одржа отворен час по биологија со учениците од VII и IX одделение.
Учениците од VII одделение преку практична активност подготвија кифлички, демонстрирајќи ја работата на габите – квасци и процесот на ферментација, со што успешно ја поврзаа теоријата со секојдневната примена.
Учениците од IX одделение се претставија со изработка на едукативни модели преку кои на јасен и разбирлив начин ги објаснија биолошките поими од наставната програма.
Активноста беше пример за успешно практично учење, креативен пристап и активно вклучување на учениците во наставниот процес.

📚🌍🏛️ Отворени часови – Историја и Граѓанско образование
Беа реализирани и отворени часови по Историја и Граѓанско образование со учениците од VII и IX одделение.
По предметот Историја, учениците презентираа макети и изработки од различни историски периоди, при што покажаа солидно знаење, истражувачки пристап и креативност.
По предметот Граѓанско образование, беа презентирани проекти посветени на македонската култура и традиција, со посебен акцент на македонските народни носии и националниот идентитет.
Присутните имаа можност да се запознаат со стекнатите знаења, вештини и ангажираноста на учениците.
💻📐 Отворен час – Математика, Техничко образование и Информатика
Стручниот актив по Математика, Техничко образование и Информатика реализираше интегриран отворен час преку внимателно осмислени игровни активности.
Активностите беа поврзани со темите „Алгоритми и програми“ и „Многуаголници – пресметување периметар“, при што учениците ги развиваа своите алгоритамски и математички вештини на интерактивен начин.
Примената на едукативни помагала и современи наставни средства овозможи учење преку игра, соработка и логичко размислување, претставувајќи пример за успешна меѓупредметна интеграција.

🔢 Математички дуел – знаењето како победник
Во рамките на празничната програма се одржа и математички квиз „Милионер“, во кој учениците од VII и IX одделение ги одмерија своите знаења во динамична и натпреварувачка атмосфера.
Прашањата бараа логика, брзина и тимска координација, а натпреварот заврши нерешено, симболично истакнувајќи дека вистински победници се знаењето, тимскиот дух и љубовта кон математиката.
Со голем интерес, квизот го следеа и учениците од III одделение, кои имаа можност да видат дека математиката може да биде забавна, предизвикувачка и инспиративна.

🎭 Отворен час на учениците од предметна настава од Подрачно училиште во населба Рача
Учениците од предметна настава од Подрачното училиште во населба Рача реализираа драмска претстава со наслов „Средба низ вековите“.
Преку сценска изведба, учениците оживеаја историски личности и настани, создавајќи мост меѓу минатото и сегашноста и на впечатлив начин го претставија значењето и делото на нашиот Патрон.
Претставата беше проследена со голем интерес и аплауз, а учениците покажаа креативност, актерска умешност и одлична тимска соработка.


